Претставничкиот дом на Конгресот ги осуди „расистичките“ коментари на Трамп


Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои резолуција со која се осудуваат „расистичките“ коментари на претседателот Доналд Трамп за членките на Конгресот од малцинските заедници. За резолуцијата гласаа сите демократи и четворица републиканци.

Со резолуцијата, усвоена со 240 гласа, силно се осудуваат „расистичките коментари на Трамп кои го легитимираа и зголемија стравот и омразата кон новите Американци и луѓето од други раси“.

Трамп претходно порача дека членките на Конгресот треба да ги напуштат САД „ако не се задоволни“, а еден новинар го праша каде треба да одат.

– Тоа е нивна одлука. Како сакаат – или можат да останат, одговори Трамп и додаде дека тие треба да ја сакаат земјата, а не да ја мразат.

Претходно, Трамп на Твитер напиша дека „кај него нема ниту трошка расизам“.