Претставничкиот дом го отповика министерот за внатрешна безбедност Мајоркас


 Претставничкиот дом на САД со мнозинство републиканци го отповика Алехандро Мајоркас, член на администрацијата за имиграција на претседателот Џо Бајден и министер за внатрешна безбедност.

Членовите на Републиканската партија го обвинија Мајоркас дека не ги спроведува американските закони за имиграција кои бараат притворање на илегални мигранти на границата, за што тврдат дека тој е одговорен за рекордниот прилив на мигранти на границата меѓу САД и Мексико минатата година, јави Гласот на Америка.

„Историјата нема да биде блага со републиканците во Претставничкиот дом за нивниот очигледен чин на противуставен партиски фанатизам со кој се напаѓа чесен јавен службеник поради безвредни политички игри“, рече Бајден.

По отповикувањето на Мајоркас, во Сенатот треба да се одржи судење, но се очекува тој да биде ослободен, бидејќи таму мнозинството се демократи.

Гласот на Америка наведува дека овој импичмент може да биде симболична победа за републиканците, кои пред претстојните општи избори во ноември се обидуваат да го обвинат Бајден и демократските членови на Конгресот за нестабилност и недостиг на безбедност на границата со Мексико.

Во декември на таа граница беа уапсени рекордни 10.000 мигранти.

Во исто време, републиканците го отфрлија предлогот во Сенатот со кој би се вовеле најстроги контроли на јужната граница во последните неколку години, откако поранешниот претседател Доналд Трамп изјави дека планот е премногу благ.