Претставки поради обврската починатите од Ковид-19 во Тетово да се закопуваат во нови гробни места

Илустрација

Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, покрена постапки пред надлежни установи поради тоа што на семејствата во Тетово кои имаат починати од Ковид-19 им се наметнува обврската да ги погребуваат само во нови гробни места, а не во семејните гробници.

Тој вели се одлучил на ваков потег бидејќи таква обврска не постои со постојните закони и уредбите и затоа што претставува нарушување на верските права и чувства.

Загрижен и како тетовец, Сотировски рече дека денеска разговарал со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и го информирал дека од проверката за закопите на починатите од Ковид-19 низ државата, за разлика од други градови, во Тетово и Гостивар тие се спроведуваат задолжително во нови гробни места, а не во семејните гробници со вековна семејна традиција.

– Побарав од министерот, кој е надлежен за ова прашање, рамноправен третман и ревидирање. Министерот ме информираше дека таква одлука не е донесена и дека со почитување на протоколите за заштита, погребалниот оператор може да го изврши закопот во семејниот гроб, изјави Сотировски.

Соопшти дека денеска испратил претставка до Државниот комунален инспекторат и до Министерството за транспорт и врски од кои бара итно постапување.

– Министерството преку надлежниот инспекторат ќе бара од операторите да го овозможат ова право на граѓаните бидејќи се стекнале со лиценца, која покрај права, подразбира и обврски. Изразувам благодарност на министерот за разбирањето, изјави Сотировски, додавајќи дека ова е дополнително вознемирување на семејствата кои поминуваат низ трауми.

Писмено барање за преиспитување на ова прашање тој на 4 ноември пратил и до Главниот координативен кризен штаб на Владата.