Претставка до Судскиот совет за врховниот судија Шпенд Деваја


Адвокатите Стеван Павлески и Сашка Павлеска во името на Ристо Ристовски од Тетово поднесоа претставка Судскиот совет за врховниот судија Шпенд Деваја за „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.

Ристовски барал заштита на правото на судење во разумен рок во предметот чие име се наведува само по бројот – ПСРРГ 65/20, кое Врховниот суд на 30 ноември 2020 го одбил како неосновано. Процесот за овој предмет е долг 13 години, првата правосилна пресуда е донесена во судот во Тетово на 27 април 2007 година, а во неа Ристовски бил во својство на тужен. Ристовски барал вонреден правен лек – предлог за повторување на постапката.

Според адвокатите со одбивањето на предлогот било направено „флагрантно кршење на законот и на основните начела на судските постапки низ призмата на пресудите на Европскиот суд за човекови права“, затоа што му било одземено правото на „судска постапка пред независен и непристрасен суд“.

Во претставката се вели дека Шпенд Деваја, како претседател на советот на Врховниот суд кој одлучувал, морал да се изземе, затоа што бил адвокат во спорот за кој пресуда била донесена во 2007 година. Ристовски наведува дека Деваја, кој тогаш бил адвокат на подносителот на тужбата, сега како судија не може да решава за истиот предмет. Шпенд Деваја е сопруг на градоначалниката на Тетово, Теута Арифи. Тој е избран за врховен судија во 2013 година.