Претставена официјалната топка за Мундијалот во Катар


 Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ ја претстави денеска „Ал Рихла“ како официјална топка на Светско првенство во Катар, објави Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Ова е 14. последователна топка, која „Адидас“ специјално ја дизајнираше за Светско фудбалско првенство и според најавите достигнува најголема брзина од сите топки претходно.

„Ал Рихла“ на арапски значи патување и е инспирирана од „културата, архитектурата, култните чамци и знамето на Катар“.

Јавното претставување на топката ќе биде удостоено со присуство на голем број поранешни фудбалски ѕвезди, вклучувајќи ги Кака и Икер Касиљас, на кои ќе им се приклучат и фудбалерки од Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар и Египет, како и талентирани играчи од локалната академија во Доха.

Планирана е турнеја на „Ал Рихла“ низ десет светски градови, меѓу кои Дубаи, Токио, Мексико сити и Њујорк.

Мундијалот во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември.