Претставата „Глумици“ ја доби наградата „Биш“ на 47. МОТ


Награда БИШ за најдобра претстава меѓу две фестивалски изданија ја доби претставата „ГЛУМиЦИ“ во продукцијата на колективот „Артопија“ (Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски, Мартин Јорданоски, Кристина Леловац, Никола Наковски, Никола Ристески).

Според жирито во состав: Јанко Љумовиќ (продуцент и професор, Црна Гора), Рок Вевар (историчар на танцот и куратор, Словенија) и Наташа Гвозденовиќ (новинарка и театарска критичарка, Србија), не треба да се грижиме за иднината на театарот бидејќи е „ГЛУМиЦИ“ покажува дека имаме суверен, флексибилен и емпатичен театар.

Во образложението за наградата жирито вели:

„Рустикалноста на самата претстава и праксата со која таа се служи се важни, за да сфатиме дека во производството на системските аномалии насмевнато партиципираме сите: уметниците, продуцентите и јавноста (публиката), а функцијата на духовитите, нетрауматизирани пристапи е услов и за дистанцата и за видливоста, кои колективот на претставата ги остварува. Актерките и актерите во ниту еден момент не се во позиција на жртва на системот, напротив: тие ги прават видливи контрадикторностите на различните театарски и егзистенцијални ситуации со својата хистрионска виталност, актерскиот талент, интелигенцијата и способноста за анализа, артикулација и (животна) импровизација, кои пред нас се случуваат – што е важно! – без морализирање. Претставата „Глумици“ го содржи сето она што е потребно за иднината на театарот: умее да го види својот сопствен живот, од тој живот да се шали и да го претвори во автонаратив во кој човекиот труд, меѓу другото, се создава надвор од тестостеронската инструментализација на изведувачите, од кои се очекува да ја сервисираат авторитарната уметничка желба.

Колективот од претставата „Глумици“ знае дека нема уметност ако со неа владее авторитарна моќ. Жири комисијата посочува дека Млад отворен театар како фестивал игра значајна улога во поддршката на авторскиот театар.