Претставата „Други приказни за Алиса“ на Здружението за лица со Даунов синдром


Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се одржи претстава „Други приказни за Алиса“, која всушност претставува премиера на музичко сценски експеримент на Здружението за лица со Даунов синдром „Трисомија 21“ Скопје.

Настанот се одржува во соработка со менторот Билјана Димитрова и „Колектив Ветерница“, кој истражува во областа на кабарето преку интерпретација на македонски народни и забавни композиции од 80-тите и 90-тите години, како едни од нејзините најплодотворни периоди.

Ова музичко сценско дело вклучува 25 перформери на возраст од 10 до 52 години, односно еден инклузивен ансамбл кој во овој состав работи во последните три години, додека здруженијата „Трисомија 21“ Скопје и „Колектив Ветерница“ идната година слават десет години јубилеј од своето постоење.

-Целта на „Други приказни за Алиса“ е да создаде нови форми на театар што ги преиспитува културните пракси на вклучување на маргинализирани групи во културната продукција поставувајќи ги пред нови предизвици и автентични соработки со уметници, културни дејци, просветни работници и воопшто општествени чинители, соопштија организаторите.

Инаку, „Други приказни за Алиса“ е резултат на проектот „Можеме повеќе 2“ на Здружението „Трисомија 21“ Скопје одбран на конкурсот на проекти од национално значење во културата за 2022 година, поддржан од Министерството за култура.