Претседавањето со ОБСЕ ќе не чини пет милиони евра


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, соопшти денес на прес конференција дека за претседавањето со ОБСЕ во буџетот се резервирани пет милиони евра, иако МНР барало осум. Тој сепак индиректно остави простор околу промената на дефинитивната сума, бидејќи за оваа цел треба да се преадаптира и догради салата „Борис Трајковски“, во која треба да се одржи годишниот Министерски совет на ОБСЕ со 70-тина министри, како и да се обезбедат исто толку возила за високите гости, што државата ги нема во моментов.

Според Османи, ќе се прават напори трошоците да се сведат на минимум, а возилата да се обезбедат со спонзори. Притоа категорично тврдеше дека стоте милиони евра, што на тендер и се дадени на агенцијата „Рејтинг“, се за пи-ар  поврзан со претседавањето, туку дека со нив ќе се платат трошоци за организирање на Министерскиот совет, што не можат да го прават кадри на МНР. 

-Тоа не се пари за пи-ар. Претседавањето со ОБСЕ  ќе заврши со најголемата конференција која било кога е организирана во Македонија. Над 70 министри за надворешни работи ќе дојдат тука. Ние немаме ни соодветен објект во кој може да се организира тој настан, но решивме дека со соодветни доградувања може да се одржи во салата „Борис Трајковски“.  Ние немаме ни доволно возила да ги превеземе всоките гости и сега бараме начини како да го организираме тоа. Придобивките од претседавањето се поголеми од овие трошоци и во оваа голема инвестиција сме влегле свесно бидејќи е голема промоција за државата, рече Османи.

Најголемата ставка во трошоците тој ја лоцираше токму тука, иако ќе се трошат пари и за организирање други помали конференции, за патувања, за рентирање станови и за плати на нашите дипломати што ќе работат околу претседателствувањето во Виена. 

Презентирајќи ги своите приоритети како претседавач тој најави дека негова прва посета во ова својство ќе биде во Киев и ќе се  ќе се реализира во средина на јануари. Работното мото ќе биде  „Се работи за луѓето“ (It’s about people).

-Во политиката ние некогаш сметајќи дека се занимаваме со голема политика, со големи иницијативи, со големи интереси, забораваме дека на било која позиција, дали на нашите национални влади, меѓународни организации, остануваме да делуваме цел ден за луѓето, за да се намали страдањето на луѓето пред се во конфликтните региони, за да се олесни на луѓето, за да може да се интегрираат, да се рехаблитираат. Имајќи го предвид ова наше искуство, преку нашата ОБСЕ мисија, сметавме дека ако некој знае што значи улогата на ОБСЕ на терен и нејзините инструменти – тоа сме ние. И затоа рековме дека пораката што ќе ја испратиме преку нашето претседавање е преку тие состаноци на Постојаниот совет во Виена е дека „да, вие мислите дека правите голема политика, но на крајот луѓето се големите корисници на сето тоа што ние го правиме, рече Османи.

Тој подвлече дека за нас како претседавачи на ОБСЕ е важно што како мала земја во тежок период што ја има првата мисија на ОБСЕ за да спречи конфликт, за да рехабилитира постконфликтно е мисија што се уште е активна. Нагласи дека денес созреваме во земја што може да ја води и да ја предводи целата организација.

-Од конзументи на услугите на ОБСЕ, стануваме претседавачи на организацијата. Тоа што го постигна Северна Македонија внатре, преку мултиетничката функционална демократија, мултиетничките односи, културата на дијалог што го наметна, културата на компромис, добрососедските односи, сето тоа создаде имиџ кај државата, а со тоа и препознавање во меѓународната заедница дека ние сме сега зрели за да можеме тоа наше искуство во тоа наше созревање, сега да го пренесеме во регионот на ОБСЕ преку претседавањето со ОБСЕ, рече Османи.

Тој повтори дека за земјава е голема чест што 56 земји-членки на ОБСЕ гласаа едногласно за Северна Македонија да биде претседавач на ОБСЕ, имајќи предвид, како што рече, дека за наредната година нема одредено претседавач затоа што не може да се постигне консензус за наредната година, а имаше консензус за одлуката за Северна Македонија.

-Нашето претседавање се случува во една од најтешките години за ОБСЕ. После 50 години се случува една земја учесничка да ги урива основните принципи и основните столбови не само оние на коишто почива организацијата, туку и целокупната безбедносна архитектура врз која почива мирот во Европа, Русија ги поткопува тие столбови и тие принципи преку агресијата во Укриана а со тоа доведувајчи до гоем број на последици врз луѓето во тие региони, истакна Османи.

Тој потсети дека токму во Скопје во 1992 е отворена првата теренска мисија на ОБСЕ, за спречување на прелавње на конфликтот од БиХ.

-Тогаш и почнува отворањето теренски мисии, за потоа организацијата да ја има улогата на превенција на конфликти, па се вклучува во делот на менаџирање на конфликти и има сеопфатна димензија на безбедноста, посочи Османи.