Претседателските кандидати соочени со ставовите на граѓаните


Претседателските кандидати, Блерим Река, Гордана Силјановска–Давкова и Стево Пендаровски денеска се соочија во дебатната емисија „Детектор“ на ТВ Сител. Во 80-минутната дискусија тие зборуваа за своите програми, но и за темите произлезени од истражувањата на јавното мислење што за „Детектор“ ги направи Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС): меѓуетничките односи, Преспанскиот договор, интеграциите, приоритетите, прашањето за амнестија и аболиција, партиските влијанија и условите за фер избори.

-Фокусот на мојата претседателска програма останува „Република за сите“, со законот над сите и ќе има два приоритета. Првиот, како до мултиетничка република, која може да е модел со сите рамноправни граѓани кои ќе го почитуваат уставот и законот, и вториот е како до евро-атланска република, односно како да се потрудиме што побрзо да го добиеме датумот за евроинтеграции, истакна Блерим Река за првата тема која се однесуваше на пораките со кои претседателските кандидати сакаат да ги привлечат гласачите.

Силјановска-Давкова рече дека ќе се залага за реформи што ќе бидат во функција на владеењето на правото

-Она што сум успеала во личниот и професионалниот живот одамна, да бидам во ЕУ, ќе го направам и со Република Македонија, и тоа преку реформи кои што ќе бидат во функција на владеењето на правото. Ќе им се обратам на жените бидејќи ова е шанса да покажеме дека можеме на поинаков начин да управуваме, до неопределените, разочараните од сегашната власт, па дури и до оние кои имаат намера да ги бојкотираат изборите, нагласи Силјановска-Давкова.

Кандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата Пендаровски рече дека земјата мора да биде демократска и евроатлански интегрирана во ЕУ и НАТО.

-На државата ѝ е неопходна внатрешна кохезија, што е во склад со мојот слоган „Заедно напред“. Значи, треба да ги оставиме зад нас сите поделби по етничка, верска и политичка линија и да се договориме околу една, две или најмногу три работи што се исклучително важни за нас и нашата држава. Резервна татковина немаме, а во неа ќе бидеме со еднакви права, обврски и одговорности. Оваа земја мора да биде демократска и евроатлански интегрирана во ЕУ и НАТО, порача Пендаровски.

Во емисијата секој од претендентите за претседател ги доби истите прашања, а времето за одговор беше една минута. По поставените потпрашања, Река, Силјановска и Пендаровски учествуваа во шестминутна дебата за секоја од темите