Претседателските и предвремените парламентарни избори во Бугарија на 14 ноември


Претседателот на Бугарија Румен Радев најави дека ќе го распушти 46. Народно собрание што е можно поскоро во согласност со процедурата и Уставот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседателските и предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 14 ноември.

Според Радев, изборите во формат „2 во 1“ ќе заштедат државни трошоци и време на гласачите.

Тој не коментираше дали ќе направи промени во привремената влада во Бугарија, како што тоа му го овозможува Уставот на земјата.

Радев рече дека е жесток поддржувач на надпартискиот договор и ќе смета на поддршката од сите угледни бугарски граѓани.

Тој смета дека оваа изборна кампања во Бугарија ќе биде уште еден водич за бугарските гласачи за тоа кои партии и политичари работат за иднината и кои ги бранат корупциските шеми.