Претседателска анкета – вторпат


Александар Кржаловски

 

Минатата есен имав трилогија од колумни посветени на анкетите. Дел од нив се однесуваа на податоците/резултатите од тие анкети, но во поголем дел се обидов да демистифицирам некои работи за самиот процес на анкетирање и што сè треба да се има предвид кога се толкуваат разни анкетни резултати. Од големината и репрезентативноста на примерокот, преку начинот на анкетирање (телефонско, теренско или друго) и формулацијата на прашањата и можните одговори, до статистичката грешка и кредибилноста и професионалноста на агенциите што го испитуваат јавното мислење.

Откако се утврдија трите кандидати за учество на претседателските избори: Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река, време е за коментирање на првата анкета на оваа тема, нарачана од МЦМС и ИДСЦС, а спроведена од агенцијата „М-проспект“, на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник, во периодот од 13 до 19 март. Пред да ги искоментирам резултатите, пак да укажам на две-три работи кои предизвикуваа забуни на претходните анкети (а очекувам да има некои и со оваа).

Прво што ќе падне во очи при споредба на оваа анкета со претходните за претседателскиве избори е драстичното зголемување на рејтингот на кандидатите (барем двата кои беа „во оптек“ и на претходните анкети). Сега се во рангот на 22-25 отсто, а претходно беа од 2 од 7 отсто. Одговорот или „трикот“ лежи во бројот на понудените кандидати при анкетата, а и во самото прашање.

Едно е да се праша: „Колку доверба имате во политичарот А.Б.?“, а сосема друго „Во кој од наведените политичари имате најголема доверба?“ Во првиот случај се прашува само за една личност и всушност тоа е реалното мерило за „рејтингот“ на тоа лице, односно за нивото на доверба на граѓаните во него/неа. Сепак, такви прашања ретко се поставуваат на анкетите кај нас (меѓу другото, и заради цената, бидејќи ќе треба да се постават посебни прашања за сите можни личности за кои сакаме да ја испитаме довербата, наспроти опцијата тоа да се направи со едно прашање). Во вториот случај, изборот е меѓу повеќе кандидати и логично, заради проста математика, „вкупниот рејтинг“ од 100 проценти се дели меѓу сите нив, односно поединечните нивоа на доверба се многу помали од реалното (ако се прашува само за една личност). Така и при овие анкети, кога на листата имаше 10-ина кандидати, односно можности за избор/одговор на анкетираните граѓани, поединечните процените се движеа меѓу 1 и 10 проценти, освен во случајот на премиерот Заев (тоа пак е дополнителен проблем, кога партиските лидери се на ваквите листи, вообичаено тие го добиваат најголемото внимание и процентот на гласови на испитаниците.

Посебна ситуација од самиот начин на поставување на прашањето е какви одговори ќе им се понудат на испитаниците. Вообичаено е кога ќе се постави прашањето „Во кој од следните политичари имате најголема доверба?“, на анкетираните да им се прикаже картичка со наведени имиња (при теренска анкета) или да им се прочитаат имињата од листата (телефонска). Вообичаено е да има и опција „Друг“ и тие самите да наведат, но можно е анкетарот да не ја дава таа опција. Можно е во анкетата воопшто да не се наведуваат конкретни лица, туку испитаникот сам да каже во кој политичар има најголема доверба. Сите овие варијации може битно да влијаат на поединечниот рејтинг на секој од кандидатите, но во основа го прикажуваат моменталниот сооднос на довербата меѓу секој од нив, па затоа почесто се практикува овој вид прашање (за повеќе личности во едно прашање).

 

Сето ова влијае на резултати и нивна интерпретација, односно толкување, без да се знаат сите овие работи и „скокање“ со избрзани заклучоци, може да доведе до сосема погрешна слика од онаа што резултатите всушност ја покажуваат.

Тоа е околу методолошките специфичности, а сега малку и за самите резултати од последната анкета.

Првиот впечаток е изедначеноста на главните два кандидати – Пендаровски (25 отсто) и Силјановска-Давкова (22,4 отсто). Кандидатот поддржан од СДСМ и ДУИ (и нивните коалициски партнери) е во блага предност (2,6 процентни поени во првиот круг и 6,2 за вториот), но тоа е во границите на статистичката грешка (3,1%) што значи дека не може да се зборува за извесна/јасна предност, а уште помалку за сигурна победа на некој од кандидатите.

Извесно е сепак дека токму тие два кандидати ќе се најдат во вториот круг, со оглед на тоа што иако Блерим Река е единствен кандидиран етнички Албанец нема доволно потенцијал да стигне барем до второто место по бројот на гласови во првиот круг (меѓу другото и дека не е поддржан од сите партии на етничките Албанци).

Неговата кандидатура ја прави трката поинтересна, во смисла на однесување на гласачите од албанска етничка припадност. Додека е јасно дека главниот корпус на гласови за него ќе дојде од симпатизерите на партиите кои ја поддржаа неговата кандидатура, за одбележување е и тоа што во првиот круг, повеќе од половина (57 отсто) од симпатизерите на ДУИ би гласале за него. Однесувањето на овие (ДУИ) гласачи во вториот круг, пак, ќе се сврти кон кандидатот Пендаровски и поддршката од нив ќе порасне од 25,7 проценти во првиот круг, на 58,6 отсто во вториот. Ако навистина се случи така на самите избори (сепак е рано во процесот и кампањата сè уште не е ни почната), ова веројатно ќе биде еден од одлучувачките фактори за победа на изборите.

Тоа е вториот битен впечаток од резултатите, дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ (а и самата партија, пред сè), сè уште не успеваат да повратат дел од гласачко тело кај етничките Албанци. Поддршката е незначителна (под 1%) и во првиот и во вториот круг, па иако Силјановска-Давкова има предност кај етничките Македонци (6,1 отсто и 7,3 отсто респективно за двата изборни круга), тоа ќе биде недоволно за победа, заради бројот на гласови кои Пендаровски ќе ги добие од етничките Албанци. Секако, ова ќе зависи и од излезеноста на овие граѓани – голем дел секако нема да излезат, особено во вториот круг (меѓу другото и како протестен глас кон политиките и однесувањето на ДУИ) бидејќи најголем дел од нив (37,3 отсто) изјавиле дека нема да гласаат во вториот круг (наспроти 34,8 отсто од сите етнички Албанци, кои би гласале за Пендаровски), што е повеќе од двојно од тие што нема да гласаат воопшто (ни во првиот круг) – 16,8 отсто.

На крај, малку и за карактеристиките на кандидатите. Анкетата покажува изедначеност на прашањата на чесност, блискост до народот и јасност/разбирливост на она што го кажуваат (во сите овие случаи разликата меѓу Пендаровски и Силјановска е помала од 2 пп). Силјановска е перципирана како понезависен (од партиите) кандидат (24,3 отсто наспроти 19 отсто). Од друга страна, Пендаровски има поголем углед кај странците (39,3 наспроти 14,2 отсто).

Два коментари за ова. Прво, колку и да се трудат кандидатите, а и самите партии, да бидат претставени како независни или натпартиски (да не речам и „консензуални“), сепак најголем дел од граѓаните не ги гледа како такви, а и самата „партиска“ дистрибуција на одговорите на анкетираните и понатаму ја потврдува целосната поларизираност на општеството по таа (партиска) основа (за сите кандидати, над 85 отсто од симпатизерите на партијата која ги поддржала, ќе гласаат за нив).

Второ, иако се работи за добри кандидати, сите доктори на науки и универзитетски професори, со долги и угледни кариери, загрижува податокот (би требало да ги загрижи и нив) дека на прашањето „Кој од кандидатите го сметате за најчесен?“, најголем дел од граѓаните (34,2 отсто) одговориле „Ниту еден“! Ова само потврдува до кое ниско ниво партиите ја доведоа политичката култура во земјата, па секој човек прилично треба да се замисли дали да се нафати да се занимава со тоа – па нека е и кандидатура за претседател!

Во секој случај, ни претстои интересна кампања, се надевам сепак и најмирна и најдостоинствена досега (иако рејтинзите укажуваат на тесна борба, што е подложно на злоупотреби на изборниот процес за да се стигне до победата). Секако, секогаш има поединци кои нели „знаат сè“ и веќе кажуваат дека сè се знае и дека е извесна (а богами и договорена) победата на Пендаровски, но јас сум од тие понаивните и не верувам во многу во „теориите на заговор“, па ќе уживам во неизвесноста што секои избори ја носат.