Претседателот Пендаровски потпиша укази за прогласување на уште 18 закони


Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување на 18 закони, кои не беа потпишани од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски, меѓу потпишаните се указите за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, на Законот за бесплатна правна помош, на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Законот за дополнување на законот за служба во Армијата на Република Македонија, на Законот за прекинување на бременоста, на Законот за изменување и дополнување на законот за субвенционирање на станбен кредит.

Имплементацијата на овие закони носи многу придобивки и законските решенија се од суштински интерес за граѓаните на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот. 

 Со Законот за спречување и заштита од дискриминација се обезбедува принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Законот ги заштитува лицата со попреченост и ги воведува родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основа за заштита од дискриминација.

Законот за бесплатна правна помош треба да го унапреди правото нa физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита, а со неговото донесување се врши усогласување со законодавството на Европската унија.

Со законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се олеснува остварувањето на правото на физичките и правните лица на слободен пристап до информации и се реформира системот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Со дополнувањето на законот за служба во Армијата на Република Македонија, се овозможува прием на цивилен персонал на служба во Армијата без објавување на јавен оглас, од редот на професионалните војници, на кои службата во Армијата им престанала поради навршување на 45 години возраст. Законот за Судски совет е реформски закон, целосно усогласен со препораките на Венецијанската комисија, со ГРЕКО и со оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители. Со законот за прекинување на бременоста се укинуваат постојните административни процедури и бариери за спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста, појаснуваат од кабинетот на Пендаровски.

Измените на Законот за субвенционирање на станбен кредит ќе им помогнат на младите на побрз и поедноставен начин да го решат станбеното прашање. Се намалуваат каматните стапки за субвенциониран станбен кредит, се дава можност за поповолно субвенционирање на станбен кредит за купување на стан за млади до и со наполнети 35 години, како и поволни субвенции за изградба и купување на куќа, како и за надградба и доградба.