Претседателот Пендаровски и неговата сопруга се сретнаа со претставници на „САНО“, добитник на наградата „13 Ноември“

Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска, денеска во Вила Водно, примија претставници и волонтери од здружението „САНО“, добитници на наградата „13 Ноември“ од областа на хуманитарната активност.

Претставниците на здружението ги запознаа претседателот Пендаровски и неговата сопруга со активностите кои ги преземаат за поддршка и подобрување на квалитетот на лекување и животот на заболените деца и на нивните семејства.

Претседателот Пендаровски и сопругата упатија искрени честитики за добиената награда, посочувајќи дека „САНО“ претставува пример за хуманитарна работа и граѓанско здружување.

– Вашите лични примери треба да бидат инспирација за сите нас заеднички да градиме подобро и поинклузивно општество, рече Пендаровски, додавајќи дека нема доволно голема награда што може да ја изрази вистинската вредност на секој чин на хуманост.

– Наградата 13 Ноември, освен што е сосема заслужена, е голема потврда за вашата досегашна пожртвуваност и довербата којашто сте ја стекнале. На децата кои се лекуваат особено им е важна поддршката што ја добиваат од вас, истакна сопругата на претседателот, Ѓоргиевска.

Здружението „САНО“ работи со семејствата на децата со малигни заболувања со цел да им овозможи логистичка и психолошка поддршка при лекувањето на децата. „САНО“ има мрежа на родители и волонтери кои им помагаат на семејствата да се снајдат низ здравствениот систем, споделуваат искуства на луѓе кои веќе поминале низ медицинските третмани, даваат психолошка поддршка онаму каде што е потребно.

Минатата година „САНО“ ја отвори Родителската куќа, во којашто престојуваат родителите чии деца се лекуваат на Клиниката за детски болести.

– Големината и тежината на наградата „13 Ноември“ е што е препознаен трудот на деца, на млади луѓе коишто ја победиле болеста, коишто се соочиле и го победиле и стравот да зборуваат за тоа, и се вратиле да им помагаат на деца со ранлива здравствена состојба во каква што биле и тие самите пред неколку години, рече претседателката на „САНО“, Марија Тасев.

Младите волонтери од САНО, од претседателот Пендаровски и неговата сопруга Ѓоргиевска добија целосна поддршка за нивната хумана работа и им порачаа да не се откажуваат. Истовремено, претседателот Пендаровски потенцираше дека, освен поединци и приватни компании коишто донираат во рамки на своите можности, за здруженијата како што е „САНО“ потребно е да се обезбеди и поддршка од државата.