Претседателот Пендаровски гo прими новиот грчки амбасадор Јанакакис


 

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија.

Изразувајќи задоволство од отворањето на ново поглавје во односите меѓу двете држави со значителен потенцијал за нивно натамошно збогатување и унапредување, претседателот Пендаровски истакна дека овој чекор се должи, пред сè, на посветеноста на двете држави кон градењето добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и транспарентност.

„Договорот од Преспа создава големи можности за постојано и значително унапредување на соработката на сите полиња и изградба на партнерски однос како што доликува на две соседни земји што споделуваат евроатлантски вредности“, рече претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека нашата земја во духот на добрососедството е подготвена за натамошна посветена и суштинска соработка со Република Грција, што е од интерес за граѓаните на двете земји и нивната благосостојба.

Претседателот Пендаровски изрази очекување дека фокусот на понатамошната соработка ќе биде во унапредувањето на, веќе, добрата економска состојба.

„Во таа насока особен приоритет треба да има реализацијата на конкретните регионални проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, економската размена, протокот на луѓе, идеи и на сите оние области предвидени во Акцискиот план за збогатување и унапредување на економската соработка што го потпишаа премиерите на двете земји“, рече Претседателот.

Јанакакис истакна дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија и рече дека, од 2016 година, откако ја вршел должноста шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, е потпишан Договорот од Преспа, ратификуван и стапен на сила, што доведе Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, нагласи Амбасадорот и додаде дека неговото целосно и навремено спроведување е од витално значење за односите меѓу двете земји.

Имајќи предвид дека настапи нова ера, рече амбасадорот Јанакакис, соработката и синергијата меѓу нашите две држави сега можат и мораат да бидат дополнително засилени во сите области од заемен интерес, а со Договорот од Преспа и усвоениот Акциски план, поставена е широка рамка за соработка во многубројни области во кои веќе се потпишани и низа договори и меморандуми за разбирање.

Грчкиот амбасадор изјави дека заеднички интерес на двете земји е и демократската стабилност и безбедноста на регионот, безбедноста и сигурноста на нивните граници, како и просперитетот и развојот на регионот.