Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за Законот за Јавното обвинителство


Претседателот Стево Пендаровски, денеска попладне гo потпиша Указот за прогласување на Закон за Јавното обвинителство, што беше донесен денес во Собранието, соопштија од неговиот кабинет.
Претсдателот Пендаровски, покрај Законот за ЈО; потпиша Укази и за повеќе други закони кои беа изгласани во парламентот: Закон за неевидентирани лица во матична книга на родени; Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик; Закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители; Закон за изменување и дополнување на Законот за одбрана; Закон за изменување и дополнување на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците; Закон за изменување на Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; Закон за заштита на личните податоци; Закон за изменување и дополнување на Законот за урбано зеленило; Закон за управување со движењето на предметите во судовите.
Во однос на барањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот за Јавно обвинителство, претседателот укажува дека согласно член 75 од Уставот „Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони, се вели во соопштението.
Притоа се додава дека претседателот Пендаровски, исто така, укажува дека за евентуалните приговори во однос на уставноста на некој закон, секој граѓанин може да поднесе иницијатива до Уставниот суд како надлежен државен орган.