Претседателот Пендаровски го потпиша последниот документ за членство во НАТО


Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на Македонија кон НАТО, што претставува финален чекор за членството во алијансата.

„Со овој документ, јас како претседател на државата, свечено изјавувам дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и, се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој Договор. Почитувани граѓани, ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во НАТО алијансата. Вредеше што се вложивме, затоа што на нашите идни генерации им овозможуваме поголема стабилност, безбедност и просперитет. Нека ни е со среќа“, рече претседателот Пендаровски по потпишувањето на Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО.

Инструментот за пристапување претходно беше парафиран од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја информираше Владата дека сите земји-членки го имаат потпишано пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор.