Претседателот Пендаровски го посети ССМ


Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска беше во посета на Сојузот на синдикати на Македонија.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски нагласи дека успешната економија и развојот на Северна Македонија се тесно поврзани со регулацијата на работните односи и цврстата и одржлива работно-правна рамка за работниците.

Исто така, ова е прва посета на еден толку висок функционер во државата да го посети ССМ, што наиде на осуда од самиот Пендаровски.

„Просто не можам да верувам дека ова е посета за првпат во историјата. Од една страна, велиме дека сме во историски момент, од друга страна да кажам отворено пред камерите, тоа е срамот на државата, за сите што биле пред мене на било која позиција, ако е ова вистина, претпоставувам дека е проверен податок, да не дојдете во најстариот и најголемиот синдикат во државата, а да велите дека работите за правата на граѓаните и за народот кој живее во оваа земја едно со друго, не оди“, истакна Пендаровски.

Претседателот Пендаровски се осврна и на статусот на самите работници во државата, истакнувајќи дека нашата држава има капацитети да овозможи европски стандарди.

„ние како држава сме доволно зрели и подготвени и легислативно и во пракса да овозможиме европски стандарди кога се работи за правата на работниците. И покрај високата стапка на невработеност, сведоци сме дека на пазарот на трудот има недостаток од работна рака во некои професии и занимања што се дефицитарни и ние мораме да ги заштитиме нашите работници и да им понудиме оптимални услови за да останат во својата татковина наместо да одат на работа во странство. Едноставно мораме максимално да инвестираме во човечкиот капитал“, додаде Пендаровски.

Стево Пендаровски како претседател на државата има лимитирани ингеренции и можности, но им напомена на присутните дека во него имаат сојузник, соодветно неговите можности и надлежности, да ги ислуша сите иницијативи, предлози и сугестии се со цел унапредување и заштита на работничките права, истакна меѓу другото претседателот Пендаровски.