Претседателот на Тунис отпушти 57 судии поради корупција


 

Претседателот на Тунис, Каис Саид отпушти 57 судии, обвинувајќи ги за наводна „корупција и заштита на терористи“.

Саид ја спроведува чистката откако порано оваа година ја презеде контролата над правосудството и другите гранки на политиката, пренесе „Ројтерс3.

Во телевизиското обраќање во средата, Саид рече дека „давал прилика по прилика и предупредување по предупредување на правосудството да се прочисти“, а неколку часа подоцна службениот весник објави декрет со кој се најавуваат отпуштањата, наведува британската агенција.

Мешу отпуштените е и Јусуф Бузакер, поранешниот претседател на Врховниот судски совет, чии членови Саид ги смени оваа година кога ја презеде контролата над правосудството.

Советот делуваше како главен гарант на независноста на правосудството од револуцијата во Тунис во 2011 година, со која е воведена демократија, а промените на Саид предизвикаа обвинувања дека се меша во правосудниот систем, пренесе „Ројтерс“.

Минатото лето тој ја распушти владата и ја презеде извршната власт, а овој потег неговите противници го нарекоа државен удар, пред да го стави вон сила Уставот од 2014 година, за да владее со декрети и го распушти избраниот парламент, а ја замени независната изборна комисија која сам ја постави.

Саид соопшти дека неговите потези биле потребни за Тунис да се спаси од кризата, а исто така најави дека овој месец ќе донесе нов устав кој ќе го изнесе на референдум во текот на јули, а речиси сите политички партии во земјата го критикуваа заради тоа, заедно со моќниот работнички синдикат УГТТ.

Оваа недела УГТТ соопшти дека работниците во јавниот сектор стапуваат на штрајк на 16 јуни, што претставува директен предизвик на политичките ставови на Саид до сега, јавува „Ројтерс“.