Претседателот на Стелантис предупредува дека автомобилската индустрија во Европа и САД е во опасност


Автомобилската индустрија е во опасност и во САД и во Европа, предупреди денеска претседателот на групацијата Стелантис, Џон Елкан, наведувајќи ги како причина зголемувањето на царините и „нереалниот план за намалување на емисијата на штетни гасови“.

– Со тажни царини и претерано ригидни регулативи, американската и европската автомобилска индустрија се во опасност, додека Кина е на поинаков пат, предупреди Елкан, отворајќи го генералното собрание на производителот на автомобили што обединува 15 марки меѓу кои Пежо, Фиат, Опел и Крајслер.

Во САД, автомобилската индустрија е тешко погодена од големите царини наметнати на увезените автомобили, но и од дополнителните слоеви царини, особено за алуминиум, челик и резервни делови, рече Елкан, кој е на чело на групата откако извршниот директор Карлос Таварес беше сменет во декември 2024 година.

Тие царини од 25 отсто, воведени пред две недели, го оптоваруваат увозот на автомобили и автоделови во САД, особено оние на Стелантис кои доаѓаат од Мексико и Канада.

Во Европа, регулативите за емисиите на јаглерод диоксид наметнаа нереален план за целосна електрификација, неповрзан со пазарната реалност, додаде тој.

Тој рече дека некои влади во Европа нагло ги укинаа стимулациите за купување електрични автомобили, дека инфраструктурата за полнење е несоодветна и оти потрошувачите поради тоа не сакаат да се префрлат на електрични возила.

Европските и американските производители, исто така, се соочуваат со зголемена конкуренција од Кина, која годинава би можела да продаде повеќе возила отколку САД и Европа заедно.

– Американско-европскиот неуспех би бил трагедија, бидејќи производството на автомобили е извор на работни места, иновации и цврсти заедници, рече Елкан.

Тој истакна дека не е доцна „доколку САД и Европа преземат итни и неопходни мерки“ за промовирање на координирана транзиција кон електрични возила.

Џон Елкан, наследник на семејството што го основаше Фиат, исто така рече дека е охрабрен од зборовите на Доналд Трамп, кој вчера рече дека е отворен за компромиси за царините.