Претседателот на Шри Ланка избега на Малдивите, гневот не стивнува

Готабаја Раџапакса ја напушти земјата само неколку часа пред да објави дека поднесува оставка. Гневот на жителите се насочи кон премиерот кој е на таа функција само два месеци


Претседателот Готабаја Раџапакса во владата како министри ги стави неговите браќа и внуци

 

КОЛОМБО, Шри Ланка – Претседателот на Шри Ланка побегна од земјата рано во средата, само неколку часа пред да вети дека ќе се повлече под притисок на демонстрантите лути поради економскиот хаос што предизвика сериозен недостиг на храна и гориво.

Но, кризата што ја зафати островската држава со месеци беше далеку од завршена: илјадници демонстранти кои бараа и премиерот да поднесе оставка се собраа пред неговата канцеларија, а некои упаднаа во комплексот, како и во други официјални згради во последните денови. Премиерот прогласи вонредна состојба во целата земја.

Претседателот Готабаја Раџапакса и неговата сопруга заминаа со авион на воздухопловните сили на Шри Ланка, кој леташе за Малдиви, се вели во соопштението на воздухопловните сили. Подоцна, Раџапакса го назначи премиерот за вршител на должноста претседател, според претседателот на парламентот.

„Она што го направи Раџапакса – избега од земјата – е срамен чин“, рече Басура Викремесинге, 24-годишен студент по поморска електротехника. „Не славам. Нема смисла да се слави. Во моментов немаме ништо во оваа земја“.

Додека Раџапакса под притисок се согласи да поднесе оставка во средата, премиерот Ранил Викремесинге рече дека ќе замине штом ќе биде формирана новата влада.

Но, тоа не беше доволно за многумина. Можеше да се види како групи се качуваат од ѕидот и влегуваат во зградата на кабинетот на премиерот додека толпата ечеше давајќи поддршка, ги бодреше, веејќи знамиња од Шри Ланка и фрлајќи шишиња со вода кон оние што се упатуваат внатре.

„Ни требаат двајцата… да си одиме дома“, рече Супун Еранга, 28-годишен државен службеник. „Ранил не можеше да го исполни она што го вети во текот на неговите два месеци, па затоа треба да се откаже. Сè што направи Ранил е да се обиде да ги заштити Раџапаксите“.

Полицијата употреби солзавец за да се обиде да ја растера толпата, но не успеа. Демонстрантите веќе ги зазедоа домот и канцеларијата на претседателот и официјалната резиденција на премиерот по неколкумесечните демонстрации кои ја разбија политичката династија на семејството Раџапакса, која владееше со Шри Ланка во поголемиот дел од последните две децении.

Река граѓани неприканот доаѓа во „ослободената“ претседателска палата (Фото: АП)

Во средата наутро, жителите на Шри Ланка продолжија да се влеваат во претседателската палата. Расте редица луѓе кои чекаа да влезат во резиденцијата, од кои многумина патуваа надвор од главниот град Коломбо со јавен превоз.

Демонстрантите ветија дека ќе ги окупираат официјалните згради сѐ додека не си заминат највисоките лидери. Со денови луѓето се собираат во претседателската палата речиси како да е туристичка атракција – пливаат во базен, се восхитуваат на сликите и се лежат на креветите натрупани со перници. Во еден момент го запалија и приватниот дом на премиерот.

Малик Д’ Силва, 25-годишен демонстрант кој ја окупираше канцеларијата на претседателот, рече дека Раџапакса „ја уништи оваа земја и ни ги украде парите“. Тој рече дека гласал за Раџапакса во 2019 година, верувајќи дека неговото воено потекло ќе ја зачува земјата безбедна по бомбашките напади инспирирани од Исламската држава претходно истата година, кога загинаа повеќе од 260 луѓе.

Во близина, 28-годишната Ситара Седаралианаџ и нејзината 49-годишна мајка носеа црни транспаренти околу челата на кои пишуваше „Гота оди си дома“, гласот на демонстрациите.

„Очекувавме да биде зад решетки – да не бега на тропски остров! Каква правда е тоа?“ рече Ситара. „Ова е прв пат луѓето во Шри Ланка вака да се кренат против претседател. Сакаме одредена одговорност“.

Како што ескалираа протестите пред зградата на премиерот, неговата канцеларија воведе вонредна состојба која им дава пошироки овластувања на војската и полицијата и прогласи полициски час во западната провинција која го опфаќа Коломбо.

денеска се протестира пред канцеларијата на претседателот (Фото: АП)

Воздухопловните сили во соопштението соопштија дека обезбедиле авион со одобрение од Министерството за одбрана за претседателот и неговата сопруга да патуваат на Малдивите, архипелаг во Индискиот Океан познат по ексклузивни туристички одморалишта. Се вели дека се почитувани сите закони за имиграција и царина.

Не е познато каде се наоѓаат другите членови на семејството кои служеле во владата.

Поранешниот премиер Махинда Раџапакса живееше во својот дом во Коломбо, откако првично се засолни во силно утврдената поморска база на Шри Ланка, кога беше под притисок да поднесе оставка во мај. Басил Раџапакса, кој има двојно американско државјанство, поднесе оставка од функцијата министер за финансии во април. Неговиот обид да ја напушти земјата не беше успешен во вторникот. Чамал Раџапакса, нивниот најстар брат, беше министер за наводнување и поднесе оставка во април. Намал Раџапакса, синот на Махинда Раџапакса, беше министер за спорт и министер за млади и поднесе оставка во април.

„Ова покажува што му се случува на лидер кој ја користи својата моќ до крајност“, рече пратеникот Рањит Мадума Бандара, висок функционер на главната опозициска партија во парламентот, Обединетите народни сили.

Пратениците од Шри Ланка се согласија да изберат нов претседател следната недела, но се мачат да одлучат за составот на новата влада што треба да ја извади банкротираната земја од економски и политички колапс.

Новиот претседател ќе го отслужи остатокот од мандатот на Раџапакса, кој завршува во 2024 година, и потенцијално би можел да назначи нов премиер, кој потоа ќе треба да биде одобрен од парламентот.

Претседателите на Шри Ланка се заштитени од апсење додека се на власт, а веројатно Раџапакса го планирал своето бегство додека сè уште имал уставен имунитет. Корупциската тужба против него во неговата поранешна улога како службеник во одбраната беше повлечена кога тој беше избран за претседател во 2019 година.

Корупцијата и лошото управување ја оставија островската држава оптоварена со долгови и неспособна да го плати увозот на основните потреби. Недостигот на храна и гориво посеа очај кај 22-те милиони луѓе во земјата. Сè додека не дојде последната криза, економијата на Шри Ланка се прошируваше и растеше удобна средна класа.

Политичкиот ќорсокак додаде масло на економската криза, бидејќи отсуството на алтернативна влада на единство се закани да го одложи очекуваниот спас од Меѓународниот монетарен фонд. Во меѓувреме, земјата се потпира на помош од соседна Индија и од Кина. (АП)