Претседателот на МАНУ ги нападна Преспанскиот и Договорот со Бугарија – го загрозувале регионот

Според Љупчо Коцарев овие два договори биле извор на нестабилност во регионот и ја разнебитувале Македонија


Љупчо Коцарев на Годишното собрание на МАНУ

 

Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, денеска ги напдна Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија како два документи кои не само што значеле „разнебитување на Македонија“, туку и дека предизвикувале „нестабилност во регионот“.

Зборувајќи на Годишното собрание на МАНУ, Коцарев рече дека тоа претставувале негови лични ставови. Тој наведе три предизвици за земјата – македонскиот опстој, интеграцијата во ЕУ и иднината на државата.

Образложувајќи зошто двата договори и промената на македонскиот устав предизвикувале нестабилност во регионот, Коцарев рече дека „секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и недостоинствени документи, а такви се трите документи наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“. 

Тој потенцираше дека македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците во земјава, но и Македонците во соседството и во светот. Според Коцарев „ сите документи што не се конзистентни со таквите премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија“.

Тој вели дека Македонија со Преспанскиот договор била злоупотребена од Америка: „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на соседите, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“. Коцарев мисли дека Македонија треба да негува „принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили –  САД, Русија и Кина“.

Во уште едно вмешување во политиката Коцарев ја поддржа промената на изборниот модел во една изборна единица.  (Н.В.)