Претседателот на Мали поднесе оставка и го распушти парламентот


Во кратко телевизиско обраќање, претседателот на Мали, Ибрахим Бубакар Кеита, поднесе оставка и го распушти парламентот неколку часа откако беше уапсен од побунетите војници во вторникот.

„Ако одредени елементи на нашите вооружени сили сакаат со нивна интервенција да ја прекинат кризата, дали воопшто имам избор?“, рече Кеита од воената база во Кати недалеку од главниот град Бамако, каде го држат во заробеништво.

Покрај Кеита, бунтовниците го уапсија и премиерот Бубу Сисе и некои други владини претставници.

Не е познато кои се водачите на бунтот, какви се нивните барања или кој ќе ја води земјата за време на отсуството на Кеита.

Воениот удар во Мали веќе е осуден од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. Гутереш повика на итно повторно воспоставување на уставниот поредок и владеење на правото во Мали, додека Борел во изјавата рече дека „ЕУ го осудува обидот за пуч во Мали и отфрла каква било неуставна промена“. „Ова во никој случај не може да биде одговор на длабоката социјална и политичка криза што го мачи Мали со месеци“, рече Борел.

Реагираше и Економскиот совет на државите од Западна Африка (ЕКОВАС), барајќи ослободување на претседателот и премиерот на Мали или во спротивно ќе преземе итна акција против Мали, вклучително и затворање на границите. (Хина)