Претседателот на италијанскиот Дом на пратеници во посета на Македонија


Претседателот на Домот на пратеници на Италијанската Република Роберто Фико денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија, каде ќе има средба со неговиот домаќин, претседателот на Собранието Талат Џафери.

Како што најави Амбасадата на Италија во државава, Фико денеска ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи  Бујар Османи.

По средбите, според најавата, Фико ќе замине на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во Мултимедијалниот центар, донација од италијанската Влада, ќе се сретне со студенти по италијански јазик и од универзитетите УКИМ, СЕЕУ и „Гоце Делчев“, како и со ученици од средни училишта, меѓу кои  и од гимназијата „Никола Карев“, каде оваа година беше отворена паралелка за изучување на италијански јазик.