Претседателот Иванов се уште не доставил барање за буџет на неговиот иден кабинет


Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов се уште не доставил барање до владината Служба за општи и заеднички работи за буџетот што му следува по завршувањето на мандатот на 12. месецов, а којшто изнесува осум проценти од годишниот Буџет на институцијата Претседател на државата.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска соопшти дека до владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) досега е доставено барање за информација колкав е буџетот којшто му следува на Кабинетот на претседателот по завршување на мандатот и во  рамки на тој буџет кои се спецификите за формирање на кабинет на поранешен претседател.

– СОЗР има одговорено повратно на информацијата дека тој Буџет е во висина од осум проценти од годишниот Буџет предвиден за институцијата Претседател на Република Северна Македонија и оти во рамки на тој буџет Кабинетот на претседателот треба да поднесе барање до СОЗР за деловни простории итн.  До вчера вакво барање не  е поднесено. Тоа што се има случено е комуникација помеѓу Кабинетот и Службата за општи и заеднички работи, рече Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за одлуките од редовната владина седница.