Претседателот ќе прогласи вонредна состојба


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска  ќе прогласи вонредна состојба, се дознава неофицијално.   Изјавата на претседателот во живо ќе биде пренесувана на МРТВ.

Политичките лидери вчера беа на лидерска средба кај претседалот каде дискутираа за одложување на изборите, а се отвори и прашањето за тоа дали треба да се прогласи кризна или вонредна состојба поради коронавирусот. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го повика Пендаровски да прогласи вонредна состојба, додека, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека тие повеќе се за кризна состојба.

Во моментов вонредна состојба има во Бугарија, во Романија, во Грција, во Франција, во Белгија, во Шпанија, во Италија, во Полска, во Чешка, во Унгарија, во Словачка, во Летонија, во Албанија, во Португалија и  во Србија. Во Бугарија одлуката ја донесоа едногласно пратениците на Народното собрание по барање на премиерот Бојко Борисов, и таа ќе им овозможи на властите да воведат целосни забрани, вклучително и за движење внатре и надвор од земјата, а исто така  да затворат училишта, универзитети, концертни сали, приватни бизниси…

Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, денес потенцираше дека според Уставот е предвидено вонредната состојба да трае најмногу 30 дена, а кризата со коронавирусот најверојатно нема да биде надмината во тој период, па затоа вреди да се размисли и засега да не се прогласува вонредна, ниту кризна состојба, доколку клучните институции како министертвата за здравство и финансии, МВР, Народната банка и други можат непречено да функционираат и да ги превземаат сите потребни мерки за заштита на здравјето на населението.

– Состојбата сега е таква што не е само епидемија во прашање, туку нешто итно, светска пандемија. Нашиот Устав предвидува како да се постапува во конретни ситуации, но од друга страна, нуждата ги менува законите. Никој не може да го претпостави крајниот датум на престанокот на оваа криза. Точно е дека Уставот не предвидува дека распуштените пратеници можат повторно да се состанат, но, точно е и дека тие својот мандат си го имаат до конституирањето на следниот пратенички состав. Ако сега се состанат за да носат одлуки, тоа би било недоследност, но тоа е помалку важно во итната состојба, затоа што, како што реков, нуждата ги менува нештата. Сега е друга дилемата, вели Ивановски.

Според него, ако не може да се состане Собранието, вонредната состојба ја прогласува Претседателот и потоа и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

-Но, важноста на одлуката за вонредната состојба е само 30 дена, а тоа никој не го потенцира. Кризна или воена состојба, важноста на обете е 30 дена, со тоа што кризната состојба може да се продолжи со одлука на Собранието. Ако вонредната состојба се прогласи без да се активира Собранието, закондавната функција ќе ја врши Владата, но борбата со коронавирусот веројатно нема да заврши за 30 дена, вели Ивановски за „Слободен печат“.

Тој додава дека правно не е се најчисто во актуелнава ситуација, но состојбата наметнува нештата да се гледаат и од апсект на темелните принципи на Уставот каде човекот е најголема вредност.

-Треба да сме внимателни да не го исфрлиме детето сосе валканата вода, односно да не дозволиме состојбата да букне додека решаваме правни дилеми, вели Ивановски.