Претседателката на Унијата на жени на Скопје бара оставка на Мицкоски


Марина Кавракова

По вчерашната објава пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на повеќемина поранешни и сегашни функционери на партијата, во која се бара оставка на лидерот Христијан Мицкоски и свикување на вонреден конгрес, денеска јавно се обрати и претседателката на Унијата на жени на Скопје, Марина Кавракова. И таа бара оставка од Мицкоски.

„Во декември 2017 година на вонредниот конгрес на партијата во Валандово, делегатите меѓу кои и јас, го избравме Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш многумина од нас гледаа во него нова надеж и нова енергија во партијата. Гледавме како на човек со кого многу брзо ќе се вратиме на победничките патеки. Членството му веруваше и очекуваше.

Мицкоски во говорот на Конгресот, но и подоцна, постојано повторуваше дека главна цел му е консолидација на партијата и победа на следните парламентарни избори. Велеше дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да исполнува три основни столба: ‘Да биде лик што ќе биде прифатен од сите граѓани, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница’.

Со овие негови позиции тогаш се согласивме 376 делегати на Конгресот во Валандово, но и најголемиот број на членови на партијата. Наследи партиска структура што беше желна за работа и победа на следните парламентарни избори. Во нив се вбројувам и себеси, како член на тесното раководство на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, како и претседател на скопскиот Градски комитет на УЖ. Сите заедно работевме за победа на последните парламентарни избори.

Мицкоски нѐ уверуваше дека победата само што не дошла. Се сервираа нереални анкети во кои убедливо водевме. За жал се покажа дека тоа било само лажна надеж, купување време и мир во партиската структура.

Се покажа дека Мицкоски бил лажна надеж. Се покажа дека нема капацитет да ја консолидира партијата, наместо тоа тој го подели членството на кредибилни и некредибилни, на инфицирани и неинфицирани… Се покажа дека тој не може да ја врати партијата на победничките патеки.

Денес, од оние фамозни три столба кои сам си ги постави како услов за успех, не исполнува ниту еден од нив. Токму затоа е време за оставка и за свикување вонреден конгрес“, напиша Марина Кавракова која е и член на иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес.

Од раководството на партијата повторуваат дека Мицкоски нема намера да поднесе оставка, а дека оние партиски членови што го бараат тоа од него „слугуваат на Зоран Заев“.