Претседателката на Судскиот совет поднесе оставка велејќи дека има медиумска хајка против неа

Павлина Црвенковска во оставката наведува дека судско-бизнис елитата има големо влијание во судството. И дека таа елита пласира лажни информации до медиумите


 

Неочекувано, претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, денеска поднесе неотповиклива оставка на функцијата, наведувајќи ја како важна причина „хајката во медиумите“.

Црвенковска ја поднесе оставката пред денешната седница на Советот и во неа напиша:

„Ја известувам јавноста дека поднесувам оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на РСМ. Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската–бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството“, наведува таа во оставката.

Таа вели дека станало жално што „наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“.

Таа наведува еден случај за нејзиното оцрнување: „Последен пример со лажно брифирање на новинарите беше околу тоа дека е моја незаконската одлука за избор на член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, иако јас ниту го предложив, ниту го гласав членот на Судскиот совет, Зоран Герасимоски. Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско–бизнис елита. Благодарна сум на оние колеги кои покажуваа почит и ме подржуваа во намерите нешто да промениме, но сепак Советот како колективно тело одлучува по која патека ќе се движи судството“, наведува Црвенковска во оставката. 

Павлина Црвенковска за претседателка на Судскиот совет беше избрана во април 2021 со 12 гласа од толку присутни членови на Советот. Ова тело, инаку, има 15 члена. Согласно новиот Закон за судски совет, кој стапи на сила минатата година, изборот на претседател на Судскиот совет се врши од членовите на Советот со право на глас кои се избрани од Собранието, со мандат од две години, без право на реизбор.

Црвенковска, по изборот, порача дека нема да ја изневери дадената доверба и се заложи дека професионално со целиот свој интегритет ќе ја извршува функцијата. Таа беше избрана за за член на Судскиот совет од Собранието во декември 2020 година.

Претходно беше на различни позиции: од 2006 година до 2020 година работела како судски советник во Апелацискиот суд Скопје. Од 2004 година до 2006 година работела како државен советник во Владата, претходно работела како адвокат и како генерален секретар на Комората на приватен капитал.