Претседателката на Судскиот совет на тапет на Антикорупциска

Само неколку дена по изборот за претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска се најде на тапет на Антикорупциската комисија околу случајот со Еуростандард банка. Тоа ѝ го потврдила на Телма претседателката на комисијата, Билјана Ивановска.
Повод за отворањето на овој предмет по допрен глас е соопштението на Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка, во кое сопругот на Црвенковска се обвинува дека големиот кредит што го зел од банката никогаш не го вратил. Според наводите на штедачите, Зоран Црвенковски, преку фирмата „Екопласт рисајклинг“ зел кредит од 1,6 милиони евра и не го враќал две години. Во тие наводи стои и дека ќерката на Црвенковска била вработена во банката. Штедачите се прашуваат дали Павлина Црвенковска може од позицијата што ја има да влијае врз судиите во евентуален процес.
Црвенковска ги негираше овие наводите велејќи дека кредитот бил земен уште во 2014 година и дека овие наводи на штедачите биле наменети за нејзина дискредитација. Според нејзините објаснувања, фирмата на нејзиниот сопруг влегла во криза и морала да ги отпушти 50-те вработени, но не кажа дали кредитот бил вратен. Потоа фирмата барала стратешки партнер, но тој обид не успеал до затворањето на Еуростандард. Црвенковска тврди дека нејзината ќерка работела во кредитниот оддел дури по забраната за давање кредити.