Претседателката на шпанскиот Сенат изјави дека Македонија е пример за моќта на дијалогот


Зоран Заев и претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Куенка

Претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Куенка, денеска на средбата со премиерот Зоран Заев во Мадрид му порача дека „преку договорот од Преспа и преку севкупната ваша домашна и меѓународна политика вие сте пример за моќта и важноста на дијалогот и кога е во прашање водење успешен дијалог. Можеме да учиме од вас“. Според неа, овие остварувања биле резултат и на лидерството на земјата во последните четири години.

Заев, кој е во посета на Мадрид заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, претходно ја изрази благодарноста на Владата и на македонските граѓани за поддршката што Шпанија ја пружа постојано на евроатланскиот пат на нашата земја и особено сега во процесот за пристапување во членство во ЕУ.
 
„Граѓаните на Северна Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го  направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“, истакна Заев, како што соопштува владината прес-служба. Тој гест бил охрабрување за силната посветеност на земјата за негување и афирмација на европските вредностите и на реформи според европските стандарди, особено во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Куенка рече членовите на Сенатот ја препознале важноста на пристапувањето на Северна Македонија во членството во НАТО и затоа со задоволство ги презеле сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање за да го затворат процесот на ратификација по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.
 
Заев и делегацијата ја посетија историската библиотека на Сенатот каде што се изложени географски карти на Европа од 17 век на кои е презентиран поширокиот географски регион Македонија.