Претседател на бугарска фондација ѝ се заканувал со ликвидација на Бендевска


Комисијата за спречување и заштита од дискриминација  „најостро реагира“ за говорот на омраза со закани за физичка ликвидација на Весна Бендевска, извршен од  двата профила на  Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата „Македонија“ од Софија преку социјалната мрежа Фејсбук, со став дека тоа не само што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, кој е избран државен функционер, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост.

Како што соопштуваат од КСЗД, во неговите објави поставена е фотографија од Бендевска со навредувачка, но и поттикнувачка содржина за нејзина ликвидација. Во коментарите предизвикани од објавата се издвојуваат и повеќе заканувачки содржини.

„За ова, КСЗД го извести МНР, односно Тематската подгрупа за говор на омраза која е во рамки на Меѓуресорската работна група за политичка координација за спроведување на мерките од протоколот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу  Македонија и Бугарија, формирана со одлука на владата и очекува соодветна институционална реакција“, наведуваат од КСЗД.

Ваквите објави, за кои Комисијата смета дека не само што спаѓаат во говор на омраза што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост,  следеа по прес – конференцијата на која беа објавени мислењето и препораките по однос на претставката поднесена од  Сојузот на борците од НОБ и граѓани против Културниот центар Иван Михајлов. 

„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар ‘Ванчо Михајлов’ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот. Здружението Културен центар ‘Ванчо Михајлов’, воедно, е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување“, утврди во петокот Комисијата.

Таа му препорача на Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.