Претресите открија дека Никола Груевски имал шест стана


Покрај станот дуплекс во Кисела Вода во Скопје на истиот спрат во истата зграда имало и други два – едниот бил огромна библиотека, а вториот работен кабинет

 

Нема податоци дали истражителите при претресите на становите на Никола Груевски на улицата „Павел Шатев“ во Скопје нашле документи или податоци што се важни за истрагата за случајот „Плацеви на Водно“, но една работа е појасна – дека поранешниот премиер има шест стана (барем тие што се откриени), иако тие не се заведени на негово име. Како што не беше заведен ниту еден имот што го имаше. Или се тие повеќе книговодствена пресметка на нивната вредност за некоја евентуална идна одлука на судовите.

Јавноста одамна знае дека станот дуплекс во зградата кај надвозникот во скопската населба Кисела Вода (со површина од околу 140 метри квадратни) и дека тие се водат на името на мајка му Надежда. При денешниот претрес, како што јавува „Сдк“, биле откриени уште два стана во истото крило и на истиот спрат на зградата: едниот бил на името на неговата секретарка Т.С. , а вториот на името на фирмата „ИКТ Инженеринг“. Едниот од тие станови бил како огромна библиотека, а вториот бил работен кабинет на Груевски.

Пред 10 години, во 2011, тогашната опозиција СДСМ објави дека Груевски имал и два стана со површина од 124 метри квадратни на улицата „Владимир Комаров“ во населбата Аеродром, а неговата мајка живее во стан во Капиштец на улицата „Васил Ѓоргов“. Тоа би биле седум станови, но објективно во едниот од нив живее мајка му, станот е купен одамна, иако Груевски живеел со неа во неговите младешки години.

Станови имало доволно, и за библиотека и за работни кабинети, но она што недостасувало е – плац на Водно за да се изгради „еснафска“ куќа, како што му доликувало на премиер кој тогаш беше господар на сѐ во Македонија. За да се оствари таа цел обвинителството тврди дека поседува докази оти Груевски „злоупотребил“, кажано со вистински зборови – си зел за себе 1,3 милиони евра од донациите наменети за ВМРО-ДПМНЕ и со тие пари купувал земјиште на Водно, кое достигна 11.000 метри квадратни. Преку неверојатни трансакции тоа земјиште се префрлало од една фирма на друга (главно оф-шор) за да се загуби трагата. Обвинителството верува дека со нејзините истраги влегло во трагата на оваа измамничка шема.

Од Будимпешта се јави Никола Груевски преку Фејсбук велејќи дека „низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност“.

Тој тврди дека немало други станови, немало скриен имот или земјиште: „Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал било какво земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастарот. Надвор од ова, мајка ми не поседува никаков стан во Аеродром. Поседува стан во Капиштец купен на кредит во 1984 година.

Не постои некаков мој стан на име на моја секретарка како што денес напишаа дел од медиумите“.

Груевски уште вели дека не му паднало на ум да зема пари од партијата или членарини од членството за да купува имот. Тој нагласува дека властите вршеле притисок врз одредени лица со „уцени и закани за да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое“.

Од неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, во ниту еден момент не реагираа на тврдењата на обвинителството за „украдените пари“, ниту да побараат целосна истрага, ниту да ги отфрлат ваквите обвинувања. (Н.В.)