Пресврт во Софија: Бугарија ќе ѝ испраќа оружје на Украина

Претседателот Румен Радев и министерот за одбрана Димитар Стојанов се изјаснија против идејата


 

Бугарија треба да испрати оружје во Украина, гласаше парламентот на земјата во четвртокот, наложувајќи ја владата да изнесе план во текот на следниот месец.

Земјата е меѓу ретките членки на ЕУ, заедно со Унгарија, кои одбиваат директно да достават оружје во Киев.

Силно мнозинство од 175 пратеници гласаа за планот од шест точки за обезбедување воена помош за Украина, со детали за тоа кое оружје може да биде доставено до Киев. Други 49 гласаа против предлогот. Изненадувачки, за овој предлог гласаа и пратениците на Бугарски подем на поранешниот службен премиер и министер за одбрана во владата на Кирил Петков, кој имаше разбирање за Москва. Против беа единствено паретниците на БСП и изразито проруската партија Преродба.

Ова доаѓа откако парламентот претходно го блокираше таквиот потег поради противењето на Социјалистичката партија, пријателска на Русија, тогашен коалициски партнер во владата. Во мај, парламентот гласаше против воената помош и одлучи дека поддршката за Украина не треба да оди подалеку од помошта за воени поправки.

Новоусвоениот предлог бара од кабинетот да започне разговори со сојузниците на НАТО за замена или зајакнување на одбранбените капацитети во замена за побрзо ослободување на бугарската воена опрема од советската ера.

За време на дебатата, пратениците од различни партии тврдеа дека обезбедувањето воена помош за Украина може да биде можност Бугарија да ја модернизира својата залиха на оружје.

Претседателот Румен Радев и министерот за одбрана Димитар Стојанов се изјаснија против идејата, велејќи дека бугарската армија не може да си дозволи таква испорака на оружје и тврдејќи дека партнерите како Соединетите Држави нема да дадат заменливо оружје како „подарок“.

Останува нејасно каква воена помош би можела да биде испратена до Украина и колку брзо тоа би можело да се случи.

Бугарија досега индиректно испорача најмалку една милијарда евра оружје и муниција на Украина преку други земји кои купуваат нејзино оружје и го испраќаат во Киев. Тоа е голема благодет за бугарската одбранбена индустрија.

Украина од Бугарија ги сака како приоритет старите советски ловци „МиГ 29“ и противвоздушните ракетни комплекси С-300, кои Словачка, која е во слична ситуација како Бугарија, веќе ги испраќа.

Бугарија има можности да пружи многу важна помош и да реагира главно со муниција за мало оружје како „калашников“ и други, средства за блиска борба, муниција за тенкови и топови, рачни фрлачи, евентуално противвоздушни ракетни комплекси.

Украинската армија е запознаена со овие системи, а тие се исто така релативно лесни за употреба. (Според агенциите)