Пресуди за „Трезор“: Осум години затвор за Сашо Мијалков, 15 години за Горан Грујевски


Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е осуден на единствена казна затвор од 8 години, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски на единствена казна затвор од 5 години, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ на казна затвор од 5 години , и поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски во отсуство беше осуден на единствена казна од 15 години.

Тие и солидарно ќе треба да ја надоместат штетата на Буџетот на државата, а од фирмата „Финзи“ се конфискува имотната корист остварена од кривичното дело во висина од 838.106 денари , како и 145.619 евра од девизна сметка плус возила.

Сите тие се обвинети во случајот „Трезор“ кој го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презема предметот од поранешното СЈО.

Застапниците на обвинението за случајот „Трезор”, по објавување на пресудата за овој случај од Судот побараа на обвинетите Сашо Мијалков и Небојша Стајковиќ и да им се изрече мерката притвор до правосилност на пресудата.

„Имајќи ја предвид казната од осум години и дека Сашо Мијалков е исклучителен моќен човек, како и неправосилната пресудата во случајот ,,Тврдина-Таргет”, предлагаме да се одреди мерката притвор за овој предмет. Причните се дека постои можност за бегство“, рече обвинителот Трајче Пеливанов, кој воедно предложи мерката притвор за случајот ,,Тврдина-Таргет”, да се укине.

Одбраната на обвинетите, по предлогот на јавните обвинители, наведе дека тие се убедини дека овој предмет во Апелациониот суд ќе добие ослободителна пресуда. Адвокатот Лупчо Шврговски, посочи дека не постои опасност од бегство и дека ваквото барање е неосновано. 

Завршните зборови траеја повеќе од еден час, а пред изрекување на пресудата, согласно ковид-протоколите, судијката Бегтовиќ даде пауза од 15 минути за да се проветри просторијата.

Инаку, изрекувањето на пресудата за предметот „Трезор“ почна пладнево во Основниот кривичен суд во Скопје. Предметот се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.

Во завршниот збор, Обвинителството истакна дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.

Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

Одбраната, пак, во завршниот збор наведе дека обвинението за случајот е засновано врз претпоставки, дека постапката ја води неовластен тужител и на судот му предложи да донесе ослободителна пресуда, со оглед дека јавните обвинители не го докажале обвинението.