Престојот во Северна Македонија заврши за уште 43 граѓани на Авганистан


Фото: Б. Грданоски
Нова група од 43 авганистански граѓани замина од Северна Македонија откако за нив беше подготвена потребната документација за влез во трета земја како нивно трајно прибежиште.

– Во текот на привремениот престој, нашите институции овде им ја овозможија целата потребна поддршка, а трошоците беа покриени од меѓународните организации. Овие цивили беа спасени во големата меѓународна операција за помош на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти и нивни семејства, а се под закана на новиот талибански режим во Авганистан, соопшти прес-службата на Владата. 

Во соопштението се наведува дека во моментов во земјава престојуваат 505 авганистански граѓани. Од Северна Македонија до сега заминаа 128-мина на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.