Престани да постираш ѓубре додека пиеш, му порача Кулеба на Медведев


На ред за наздравување со Путин, веднаш зад Дмитриј Медведев

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев „треба да пие помалку вотка пред да оди на Телеграм“, рече шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба околу повикот на овој руски функционер да се убие украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Медведев, кој сега е заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност – директно под рускиот претседател Владимир Путин – има „одредена улога во природата на стратешките комуникации на Русија“, додаде Кулеба.

Поранешниот руски претседател, кој претходно беше и премиер, редовно дава контроверзни коментари за надворешната политика и војната во Украина на социјалните мрежи. Критичарите велат дека неговите објави се дел од обидот да се задржи одредено политичко значење, а истовремено да изгледа порадикално од Путин, со што се легитимизираат одлуките на актуелниот руски претседател.

По наводниот напад со беспилотно летало врз Кремљ минатата недела, Медведев рече дека „не останале други опции освен физичката елиминација на Зеленски и неговата клика“, во порака објавена на неговиот канал Телеграм. (Русија тврди дека Украина е одговорна за нападот, што Киев го негираше.)

Во март, откако Меѓународниот кривичен суд издаде меѓународна потерница против Путин за воени злосторства, Медведев рече дека судот со седиште во Хаг е „бедна меѓународна организација“ и сугерираше дека Русија може да го бомбардира. Евентуалното апсење на рускиот претседател, додаде тој неколку дена подоцна, ќе биде „објавување војна“.

На прашањето што ако на пример Путин биде уапсен додека е во посета на Германија, Медведев рече, „сите [руски] средства – сите наши проектили итн. – ќе одлетаат до Бундестагот, до канцеларијата на канцеларот“.