„Преспанските Турци – историско – демографска студија“, нова книга на публицистот Салим Кадри Керими
Книгата претставува прв научно-истражувачки труд на оваа тема, и истиот е поделен во три засебни глави

Во издание на самиот автор, неодамна беше објавена новата книга на историчарот – дипломат во пензија, истражувач и публицист Салим Кадри Керими, под наслов: „Преспанските Турци – историско – демографска студија“, чиј рецензенти се историчарот проф. д-р Борче Илиевски и географот м-р Фејзула Абдулаи.
Централната тема на овој научно–истражувачки труд претставува турското население во Преспанскиот крај на Македонија, во минатото и денес. Според официјалните статистички податоци, Турците во Преспа се втората најголема етничка заедница, по македонската. Освен Македонците и Турците, во Ресен и Преспа со векови заедно живеат и Албанци, Египќани, Власи и припадници на други помали етнички заедници. Според податоците што се содржани во пописните тефтери од османлискиот период, присуството на Турците во Преспа датира од XVI век, додека врз основа на некои претпоставки и индиции, турското население во Преспа би можело да постои уште во XV век.
И покрај тоа, во XIX и XX век турското население во овој крај на Македонија често било негирано или погрешно претставено. Некои ги опишувале како Мухамеданци или Помаци од бугарско потекло (Васил К’нчов, Димитар Гаџанов, Георги Трајчев, Ј. Иванов), други како „браќа од наша (српска) крв“ (Јован Хаџи–Василевиќ), трети како „мухамеданско/ исламизирано христијанско население“ (Јохан Георг фон Хан, Виктор Берар), четврти како „потурчени Албанци“ (Ќерим Лита), или како „исламизирано македонско население“ (Влоѓимјеж Пјанка). Меѓутоа, фактичката состојба на терен е сосема поинаква. Постоењето на турско население во градот Ресен и во селата Козјак, Горна Бела Црква, Царев Двор, Дрмени, Лавци и други населби, како во минатото, така и сега го потврдувале/ го потврдуваат самите Турци, како и повеќе релевантни факти кои се детално презентирани во овој труд.
Книгата под горенаведениот наслов всушност претставува прв научно-истражувачки труд на оваа тема, и истиот е поделен во три засебни глави. Во првата глава, главно се содржани информации за географските особини и убавините на Преспа, за некои историски собитија и демографски состојби и појави карактеристични за овој крај; информации на разни автори, од земјата и странство за Преспа и посебно во врска со турското население на овој крај; како и моите сознанија и забелешки во врска со ставовите на повеќе автори, околу преспанското турско население.
Во втората – централна глава се изнесени податоци за турското население во Република Македонија; статусот на Турците во двете Југославии (стара и нова Југославија); каде живееле/ живеат Турците во Македонија; статистички податоци за ова население; турското население на градот Ресен и селата: Козјак, Горна Бела Црква, Царев Двор, Дрмени и Лавци.
Во третата – последна глава на овој труд, на мошне опширен начин се третирани миграционите движења на наведеното Преспанско население, при што посебен акцент е ставен на нивното иселување во Турција, во 50-тите и 60-тите години на 20 век. Ви оваа глава, исто тка, се третирани печалбарството и иселувањето на преспанското турско население, во сите временски периоди од минатото (печалбарството во османслискиот и постосманлискиот период; заминувањето на печалба на ова население, почнувајќи од средината на 60–тите години на XX век; податоци за преспанското турско население во светот и нивното организирање; и сл).
Како резултат на наведените миграции, бројот на турското и останатото население на Преспа, од година во година, значително се намалил. Од 3.662 во 1953 година, бројот на Турците во Преспа во 2002 година се намалил на само 1.797 лица.
Во оваа глава, исто така, се поместени сведоштвата за печалбарството на 15 преспански Турци, од кои грото и ден – денеска живеат во странство, главно во Данска, Шведска и САД.
Текстот на книгата содржи 727 фусноти, а истиот е илустриран и со повеќе табели и статистички податоци, од различни периоди и од разни извори. На самиот крај на овој труд се објавени и неколку ретки фотографии, од различни временски периоди.
Содржините на овој труд посебен интерес авторот Салим Кадри Керими очекува да побудат особено кај младата генерација на преспанските Турци, кои се родени, живеат и работат во разни земји во светот, а кои за минатото на своите предци и нивниот роден крај, или ништо не знаат, или пак многу малку знаат. Со цел овој труд да биде достапен до наведените претпоставени читатели, ќе биде добро доколку овој текст биде објавен на турски и посебно на англиски јазик, бидејќи втората, третата и следните генерации „печалбари“ кои се родени во странство немале ниту прилика ниту пак можност да го научат и македонскиот јазик. Со објавувањето на овој труд се очекува одредени – нови сознанија за преспанското турско население ќе осознаат и другите претпоставени читатели и пошироката јавност во земјата и во странство.
Авторот е длабоко убеден дека Преспанците, вклучително и преспанското турско население, независно од тоа каде живеат, во мислите и душите постојано ги имаат/ ги носат љубовта и носталгијата за нивниот или родниот крај на нивните предци, и нејзините прекрасни и неповторливи убавини и питомост.