Преселбата од аеродромот Ататурк кон новиот во Истанбул ќе трае 45 часа


Големата преселба од истанбулскиот аеродром Ататурк на новиот мега аеродром во Истанбул ќе почне ноќеска, изјави турскиот министер за транспорт и инфраструктура Џахит Турхан.

Тој информира дека првата операција од големата преселба ќе трае 45 часа. Сите летови на двата аеродроми ќе бидат стопирани во рок од 12 часа.

– Последното полетување од Ататурк ќе се случи на 6 април во два часот по локално време. Летовите до аеродромот Истанбул постепено ќе се зголемуваат по 14 часот на 6 април, соопшти Турхан.

Министерот истакна дека најмалку 300 авиони секојдневно полетуваат од аеродромот Ататурк, а минатата година тој опслужил 465.000 летови.

По завршувањето на сите фази, аеродромот Ататурк ќе стане глобален центар за авијација, информира Турхан.

Аеродромот Истанбул беше официјално отворен на 29-ти октомври, на 95-годишнината од основањето на Република Турција.