Препорака да се носат маски во здравствените и домовите за згрижување стари лица


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заштита од заразни болести на редовен состанок денеска утврди дека поради сезонските респираторни проблеми, сите кои се чувствуваат болни треба да носат маски, а препорака е маски да се носат во здравствените институции и во домовите за заштита на стари лица. 

Претседателот на Комисијата Александар Петличковски во изјава за медиумите дадена по седницата на Комисијата рече дека моментално има зголемување на бројот на случаи од грип, но дека во моментот не постои загрозување на општата јавна здравствена состојба.

Д-р Петличковски, претседател на комисијата за заштита од заразни болести (Фото: Б. Грданоски)

– По однос на состојбата со грип моментално имаме зголемување на бројот на случаи и споредено со минатата недела и споредено со просечниот број на случаи во минатите 13 години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на највулнерабилните, на најлесно повредливите луѓе, тоа се постарите луѓе над 65-годишна возраст, луѓето со хронични болести и нив ги повикуваме, доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација, да се заштитат со примање на вакцина против грип, рече Петличковски.  

 Во однос на големата кашлица рече дека во земјава остануваат двата регистрирани случаи.

– Остануваме на двата импортирани случаи една девојка родена 1984 и едно шестмесечно бебе, во врска со големата кашлица – рече д-р Александар Петличковски.

Според него, остануваме на 83,9 отсто опфат со вакцинација и повика родителите да ги вакцинираат децата со вакцина која постои во вакциналниот календар.

Според бројот на случаи грипот го надминува и Ковидот.

– Секако сме во интензивна сезона на респираторни проблеми и инфекции. Препорачуваме задолжтелно носење маски во здравствените домови и домовите за згрижување стари лица. Исто така, препорачуваме забрана за посети во болниците и во домовите за стари – рече Петличковски.

До денеска, од грип починале шестмина, а сите се невакцинирани со вакцина за сезонски грип, а дел се постари луѓе со коморбидитети.

Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ информираше дека од почетокот на сезоната починати се шест лица со грип.

д-р Стевановиќ и д-р Петличковски (Фото: Б. Грданоски)

– Последниот случај, станува збор за женско лице на околу 45/46 години со коморбидитети. Во моментот, седум лица се хоспитализирани на Инфективната клиника, петмина со потврда, а за две се чека. Шест лица се хоспитализирани со Ковид-19, појасни Стевановиќ. 

Следната недела стартува учебната година, но Петличковски препорачува само да се внимава на хигиената и нема потреба да се преземаат дополнителни мерки.