Преполовени испораките на вакцината на АстраЗенека за Белгија


Белгија во првиот квартал од 2021 година ќе добие 650.000 дози од британско-шведска вакцина на АстраЗенека, наместо договорените 1,5 милиони дози, соопштија белгиските власти.

Министерот за здравство Френк Ванденбрук денеска предупреди дека фармацевтските компании за производство на вакцини во моментов имаат „монопол на пазарот“, а земјите-членки на ЕУ се во „зависна позиција“.

Пред „АстраЗенека“, која сè уште чека одобрување од Европската агенција за лекови за пласман на вакцината против Ковид-19, намалување на испораките на дозите во ЕУ најави и американски „Фајзер“, првата компанија чии вакцини добија „зелено светло“ во ЕУ.

– Има многу неизвесност и луѓето треба да сфатат дека стратегијата за вакцинација ќе мора постојано да се преиспитува. Фајзер и АстраЗенека ја прават оваа задача исклучително тешка, рече Ванденбрук.

Тој ја повика Европската комисија, која, во име на земјите-членки, преговараше за вакцините со фармацевтските компании, „да заземе поцврст став“ и „да побара исполнување на договорот“.

Белгија нарача вкупно 7,7 милиони дози вакцини од АстраЗенека, две милиони дози од Модерна и 12,5 милиони дози од Фајзер.

Од почетокот на јануари во Белгија се вакцинирани 183.387 граѓани, односно два проценти од вкупното население.