Преполовена вкупната нето добивка на банките во Хрватска


Вкупната нето добивка на кредитните институции во Хрватска минатата година достигна 2,7 милијарди куни, што е за 53,1 процент помалку отколку во 2019 година, објави во понеделникот Хрватската народна банка (ХНБ).
Кредитните институции, според коментарот на ХНБ за банкарскиот систем во 2020 година, ги зголемија резервациите за очекуваните загуби, како одраз на потенцијалното зголемување на кредитниот ризик заради пандемијата.

Со падот на профитот, индикаторите за профитабилност исто така се намалија, при што повратот на активата (ROA) се намали од 1,4 проценти на 0,6 проценти, а повратот на капиталот (ROE) од 9,8 прроценти на 4,4 отсто.

ХНБ потсетува дека, во согласност со супервизорските очекувања поврзани со несигурноста создадена од пандемијата, кредитните институции ја задржаа остварената добивка во 2019 година, што создаде предуслов за натамошно зајакнување на капиталот и за зголемување на вредноста на клучните индикатори за капитализација. Сите кредитни институции на крајот на 2020 година имаа стапка на вкупниот капитал повисока од минималните осум проценти, а стапката на вкупниот капитал на банкарскиот систем беше 24,9 проценти, се вели во соопштението.

Според неревидираните привремени податоци, на крајот на минатата година, вкупните средства на кредитните институции се зголемија во споредба со 2019 година за 31,4 милијарди куни или 7,3 проценти, на 462,5 милијарди куни. Средствата се зголемија кај повеќето кредитни институции, а најголем пораст се однесува на ликвидните средства, главно депозити во централната банка и доделени заеми, се вели во соопштението.

Зголемувањето на вкупните кредити и предзаеми беше поголемо од растот на нефункционалните кредити за 9,1 процент, кои се зголемија за 8,2 отсто, што резултираше со мало намалување на вредноста на показателот за релативниот квалитет на заемите, односно учеството на нефункционалните заеми во вкупните заеми. Учеството на нефункционалните кредити (НПЛ) на крајот на 2020 година беше 5,4 проценти, а на крајот на 2019 година 5,5 проценти, според ХНБ.

Нефункционалните кредити пораснаа во портфолиото на заеми за домаќинства, во кое учеството на неплатените кредити се зголеми од 5,8 проценти на 7,1 проценти. Уделот на неплатените кредити во секторот нефинансиски корпорации се намали од 13,7 на 12,5 проценти, пред се поради продажбата на нефункционалните побарувања.

Ликвидноста на системот на кредитните институции измерена со коефициентот на покриеност на ликвидноста (ЛЦР) сè уште е на високо ниво, а на крајот на декември 2020 година ЛЦР беше 181,9 проценти. Сите кредитни институции ги исполнија пропишаните минимални услови за ликвидност, се заклучува во соопштението.