Преоптоварен респиратор уби пет пациенти во Русија


Пет пациенти заболени од коронавирус ги загубија животите во пожар што избувна во градската болница Св. Ѓорѓија на одделот за интензивна нега, поради преоптоварен респиратор, објавија новинските агенции.
Руското Министерство за вонредни ситуации ја потврди смртта на корона-пациенти на интензивна нега во болницата во Санкт Петербург, но не го прецизираа бројот.

„Респираторите работат до крајни граници. Според првите достапни податоци, дошло до преоптоварување и респираторот се запалил, а тоа предизвика пожар“, изјави извор за Интерфакс.

Како резултат на инцидентот од болницата се евакуирани 150 лица.

Русија бележи 221.344 заразени со новиот коронавирус САРС-КоВ-2. Само во понеделник имало рекордни 11.656 нови случаи во еден ден.

Само Велика Британија и Соединетите Држави имаат повеќе случаи на инфекција.

Во саботата едно лице го загуби животот откако избувнал пожар во московска болница каде што се лекуваат пациенти со ковид-19.