Премиерски стил: Костумот со риги на Брнабиќ или краватата со риги на Заев?


Тегет боја избраа денес премиерите на Северна Македонија и на Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, за пригодната свеченост на пуштањето во употреба на концептот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце/Прешево.

Брнабиќ во костум со риги и панталони, розова кошула закопчана до грло и откачени бордо чевли во колеџ стил. Ригите беа детал на вратоврската на домаќинот Заев кој се чувствува најсигурно во тегет костум. Овојпат, црвената вратоврска ја одмара за друга прилика.

Од различни генерации и поднебје, а сепак заеднички им е почитувањето на дипломатскиот протокол. Ретко гледаме премиерка во панталони, ама тоа е стилот на Брнабиќ. Нема место за претерување ниту приватни желби, туку строги и чисти линии и удобност во носењето на очигледно брендираните, но ненаметливи парчиња облека.

Српската премиерка денес ќе се сретне и со претседателот Пендаровски.  (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски