Премиерот Заев панелист на конференција на „Економист“ во Атина


Премиерот Зоран Заев од денеска ја започнува дводневната работна посета на Атина, Грција, а утре ќе учествува на панел дискусијата во рамките на конференцијата на „Економист“ – 25 Тркалезна маса со Владата на Грција на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, соопштија од владината прес-служба.
Премиерот Заев ќе дискутира на важни прашања, како подобрување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, регионалната соработка, проширувањето на ЕУ, како и зголемување на трговијата и инвестиции во време на превирања.
Заедно со премиерот Заев се и заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, како и министерот за економија Крешник Бектеши.
Премиерот Заев ќе присуствува и на свеченоста на која ќе се обрати премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис. Во рамки на официјалната посета предвидени се повеќе средби со стопанственици,  дипломати, а исто така ќе биде потпишан и Договорот помеѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија. Средбите кои ќе се реализираат во фокус ја имаат економијата и енергетиката, се вели во соопштението до медиумите.