Премиерот Заев на 8. Самит на земјите од Централна и Источна Европа и Кина од Процесот 16+1

Премиерот Зоран Заев заедно со владина делегација ќе учествува на 8. Самит на шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина од Процесот 16+1, кој денеска и утре ќе се одржи во Дубровник, Република Хрватска.

Во рамки на овој самит премиерот Заев ќе присуствува на отворањето на Економски и трговски форум, а ќе има свое обраќање на пленарната сесија на која ќе се обратат премиерите на сите земји учеснички на самитот.

Според агендата на Самитот, премиерот Заев и владината делегација во состав заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министер за транспорт и врски, Горан Сугарески и министер за култура, Асаф Адеми, ќе оствари билатерална средба со премиерот на Кина, Ли Кечијанг и кинеска владина делегација.

Во Дубровник, претставници на владите на Република Северна Македонија и на НР Кина ќе потпишат Акциски план за соработка во земјоделството.

На маргините на Самитот на шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина од Процесот 16+1 се предвидени неколку билатерални средби.

Премиерот Заев ќе оствари средба со премиерот на Чешка Андреј Бабеш, како и заедничка средба со премиерите на Грција и на Хрватска, Алексис Ципрас и Андреј Пленковиќ.

Фото: Б. Грданоски