Премиерот Заев ќе го презентира петтиот пакет економски мерки – што е до сега познато?


Илустрација

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција во Владата ќе го презентира петтиот економски пакет антикризни мерки.

На прес-конференцијата ќе присуствуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.

Петтиот пакет економски мерки е донесен во инклузивен процес со сите релевантни чинители, како и изминатите четири пакети, велат од Владата.

Од она што до сега е познато и што беше изнесено во јавноста од страна на владините претставници во медиумите, станува збор за триесетина антикризни мерки.

Продолжува директната финансиска помош за исплата на плата, но со два модалитети – финансиска поддршка за плати или бескаматни кредити, при што компаните сами ќе одлучат која опција ќе ја користат.

Владата ги прифати барањата на стопанствениците, па така компаниите што имаат намалени приходи како резултат на ковид кризата ќе може да аплицираат за финансиска поддршка во плати, која според најавите, ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари.

Со оваа мерка се таргетирани околу 65 илјади работни места и кои како што изјави деновиве вицепремиерот Фатмир Битиќи, со мерката фирмите ќе бидат покриени за два месеци.

Владата нуди и опција за бескаматни кредити за фирмите преку Развојната банка, со грејс период од 12 мессеци и период на враќање од три години, при што, според најавите, на компаниите ќе им се понудат средства од 3 илјади до 30 илјади евра. Притоа, во зависност од резултатите, односно ако покажат позитивни резултати на крај на годината или имаат зголемен број на вработени лица, споредено со претходниот период, дел од средствата ќе бидат неповратни.

Ваквата мерка која ја фаворизираше Владата е, како што потенцираат, во духот на петтиот пакет економски мерки насочен кон заздравување и рестарт на економијата.

Една од мерките која што е најавена е и простување на каматите за заостанатите долгови, за сметки постари од три месеци во јавните претпријатија. Оваа мерка се однесува на сите граѓани кои што имаат долгови постари од три месеци, при што периодот за кој ќе се однесува, според најавите е ноември 2020, како краен датум со кој што ќе се калкулираат сите долгови на граѓаните кон јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија, УЈП и општините, за кои ќе има отпис на каматата. 

За дел од мерките ќе бидат неопходни законски измени, па од Владата очекуваат пратениците во Собранието да ги поддржат.

По вчерашната средба на тутунарите со министерот Арјанит Хоџа, според нивните изјави, за покривање разликата во цената во откупот на тутунот ќе се наменат 5 милиони евра, со што производителите не беа задоволни, бидеќи сметаат дека тие средства треба да се наменат како антиковид мерка, а разликата во цената да се покрие дополнително.