Премиерот Заев ја прифати оставката на Рашковски


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев ја прифати оставката на секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на Програмата на Владата Драги Рашковски, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски и го повтори ставот дека набавката на софтверот за контрола во сообраќајот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јани набавки.

-Секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата Драги Рашковски достави до премиерот писмо со кое го известува дека се повлекува од функцијата. Тоа е негова лична одлука и има право на тоа. Владата во неколку наврати ги охрабри институциите да проверат дали се прекршени какви било пропцедури правила и стандарди. Уште еднаш потенцираме дека набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура во целосна согласност со Законот за јавни набавки, институциите имаат потреба од тој софтвер за сообраќај. Истиот е набавен по сума која е спуштена низ тендерската постапка. Тој софтвер е тестиран, исправен, финкционален и нашите институции ќе го користат, а бенефит ќе имаат граѓаните и нивната безбедност. Владата работи по највисоките стандарди – професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност. Ве известуваме дека премиерот Заев ја прифати оставката на Рашковски, рече Арсовски на новинарско прашање дали Владата требаше да чека оставка од Рашковски или сама да ја побара по објавата на информациите со набавката на софтверот.

Драги Рашковски во објава на Фејсбук изутринава напиша дека се повлекува од функција секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и во објавата го сподели писмото што го упатил до премиерот каде ги објаснува причините за, како што наведува, неотповикливото повлекување од функцијата. -Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции, напиша Рашковски..

Државната комисија за спречување на корупцијата на 10-ти минатиот месец отвори предмет  за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот којшто го распишал  Драги Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист. Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18-ти минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9-ти месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ од која е купен софтверот.