Премиерот Спасовски потписник на меѓународниот „Повик за одбрана на демократијата“


Премиерот Оливер Спасовски е потписник на отвореното писмо „Повик за одбрана на демократијата“ – отворено писмо иницирано од меѓународни продемократски организации, Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (IIDEA/МИДИП) и поддржано од Фондацијата за демократија на Вестминстер. Зад писмото застанаа уште 63 организации од светот и го потпишаа голем број активни и поранешни политички лидери, шефови на држави и влади, како и останати политички и граѓански лидери ширум светот, вклучувајќи 13 нобеловци.

Писмото има за цел да ја подигне свеста и да ги мобилизира граѓаните и носителите на политики да ја заштитат демократијата во услови на пандемијата со КОВИД-19, во кое се истакнува дека справувањето со оваа глобална криза не смее да се спроведува на сметка на човековите права на сите граѓани, особено малцинствата и ранливите групи.

„Постоечката пандемија претставува сериозен глобален предизвик и за демократијата и таа не смее да биде заобиколена или под закана и луѓето што се грижат за неа мора да смогнат волја, дисциплина и солидарност во нејзина одбрана. Во прашање е слободата, здравјето и достоинството на луѓето насекаде“, се вели во отвореното писмо „Повик за одбрана на демократијата“ .