Премиерот Спасовски очекува до 2024 невработеноста да падне под 10 отсто


Премиерот Оливер Спасовски очекува стапката на невработеност во земјава да се намали под 10 отсто до 2024 година. Тој оваа оптимистичка прогноза ја кажа денес во Стопанската комора на Македонија, каде што присуствуваше на свеченоста за одбележување на 98-годишнината од работењето на СКМ. Тој рече дека голем дел од мерките на Владата биле донесени како резултат на препораките од стопанските комори во земјава.

Претседателот на Стопанската комората на Македонија Бранко Азески, од своја страна порача дека државата мора да изгради нова визија и да ги дефинира идните развојни приоритети.

„Таквите приоритети ќе бидат основа за создавање поконкурентна економија и за силни извозни компании кои ќе создаваат производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари“, нагласи Азески при штоп додаде дека акцент треба да се стави и на развивањето на соработката со регионот на Западен Балкан, каде што постои компатибилност на економиите и на производите.

Премиерот Спасовски обраќајќи им се на присутните рече дека членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ ја зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој, а ќе влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и за зголемување на домашните и странските инвестиции.

„Економските политики на Владата во изминатите две и пол години направија огромен пресврт на повеќе полиња. Во мај 2017 година наследивме БДП од минус 1,8 проценти и го зголемивме на 3,6 проценти во просек за последните четири квартали. Отворивме 60.000 нови работни места и ја намаливме невработеноста на 17,1 отсто. Со вакво темпо, и со очекуваните инвестиции полноправното членство на државата во НАТО, до 2024 година стапката на невработеност проектираме да достигне под 10 отсто“, рече Спасовски.

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска истакна дека без идеите и сугестии од стопанствениците, креирањето на законите, плановите и мерките, немаше да ги даде посакуваните резултати со кои се подобри бизнис климата. Таа се осврна на економскитге резултат во изминатиот период, при што рече дека индустриското производство  во изминатите две години расте со стапки од над 5 отсто, а трговската размена лани била поголема за 10 отсто.

„Вредноста на извозот лани изнесуваше рекордни 6,4 милијарди евра, а во 2016 година 4,3 милијарди евра, или споредено со 2016 година пораснал за неверојатни 48 отсто“, рече Царовска, додавајќи дека не треба да се заборави и регионалното поврзување што овозможува да се создадат услови за подобар економски раст и развој.

Шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа Марзена Кисиелевска подвлече дека економиите на Западен Балкан се соочуваат со големи предизвици, но и дека има забележителен напредок. Кисиелевска ја посочи и важноста на регионалната соработка, бидејќи, како што истакна, без силни локални партнери не може да се искористат странските инвестиции.

На свеченоста, премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги доделија признанијата за најуспешни компании за 2019 година за компании со висок степен на финализирани производи за извоз, награди за долгогодишни активни членки на Стопанската комора, признанието за компанија со најголем број на учесници на едукативни настани во Стопанската комора во 2019 година и специјалното признание за компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар. (Н.В.)