Премиерот Спасовски бара разрешување на министерката Мизрахи


Премиерот Оливер Спасовски побара да биде разрешена министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи. Предлогот за разрешувањето на Мизрахи е доставен до Собранието поради кршење на Уставот, информираат од Владата.

„Премиерот и Владата имаат обврска да обезбедат заштита на Уставот на Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека министерката Мизрахи свесно и намерно го крши Уставот и со тоа ја загрозува евроатланската иднина на земјата, премиерот до Собранието достави предлог за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика, Мизрахи“, соопштија од Владата.

Барањето за разрешување на Мизрахи доаѓа откако таа два пати се појави на прес-конференција во Министерството за труд и социјална политика пред табла со старото име на државата – Република Македонија.

По првиот настап на Мизрахи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, му сугерираше на премиерот Спасовски да предложи до Собранието разрешување на Мизрахи, образложувајќи дека МНР добило вербална нота од страна на Грција, за прекршување на Преспанскиот договор.

Но, и покрај ваквите предупредувања, Мизрахи повторно одржа прес конференција пред истата табла, велејќи дека е подготвена да плати казна, но дека нема да ја тргне таблата. (Н.В.)