Премиерот Петков ги отфрли критикита на министерката Генчовска околу Македонија
Бугарскиот премиер Кирил Петков ги отфрли обвинувањата на министерката за надворешни работи Теодора Генчовска (од министрите на Има таков народ) дека неговиот тим има сериозни разлики на темата Северна Македонија во однос на националниот став до кој се придржува МНР.
„Институцијата која треба да го даде конечниот став на Бугарија за Северна Македонија е парламентот. Никој не може да турка ниту еден став што не поминува низ бугарскиот парламент“, рече Кирил Петков. Тој повтори дека ќе се потпре на опозицијата за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија околу повлекувањето на ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Има таков народ токму на темата околу Македонија се заканува со напуштање на коалицијата, откако лидерот Слави Трифонов на Фејсбук напиша дека „некаде во темница е договорено да се укине ветото за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија“.
Петков тоа го изјави вечерва на конститутвното собрание на формацијата „Продолжуваме со промената“ во Пловдив на кое се трансформира во политичка партија.